Денес се радуваме на мирот, на помирувањето, спроведувањето на Охридскиот договор, еднаквоста и правдата, консензуалната демократија, на внатрешната, регионална и евро-американска интеграција и на иднината, зелената агенда, изјави денеска Али Ахмети, претседателот на Демократската унија за интеграција која денеска во паркот кај скопската населба Чаир ја одбележа 20-годишнината од формирањето како политички субјект.
На овој настан присуствуваше и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, поранешниот премиер Зоран Заев, претседатели на политички партии, министри, претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеници, градоначалници, директори и функционери, амбасадори…
„По мирот и помирувањето, работевме за еднаквост, која дојде преку националните симболи, службениот јазик, правичната и соодветна застапеност, територијалната поделба, универзитетот, и тоа не само Државниот универзитет во Тетово, туку и Универзитетот „Мајка Тереза“ како резултат на волја и помирување.
Еднаквоста се унапреди во консензуална демократија која беше постигната преку двојното мнозинство на Бадентер, консензуалното донесување на буџетот, одлучувањето во Владата и Собранието, спречувањето на мајоризацијата и маргинализацијата, афирмација на позитивната дискриминација, заедничките консензуални кандидатури за претседател на државата, претседател на Собранието и неодамна и за премиер на нашата заедничка земја.
Овие чекори доведоа и до целосна интеграција во државата, во општините, во Владата, во Собранието, во администрацијата, во полицијата од 170 полицајци на над 2.000, во армијата од 65 на над 2.000, во администрацијата од 2% до над 21%, па се до највисокото раководство на сите државни институции со целосна одговорност.
Интеграцијата во земјава наметна и регионална интеграција преку нашата политика, нула отворени спорови со соседите и поставување на црвени линии за нашата партија кои се: Охридскиот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство. Од овие црвени линии враќање назад нема и кој сака да биде партнер со нас, мора да ги почитува овие принципи“, рече Ахмети и додаде дека во пресрет на отворањето на преговорите за членство во ЕУ, изборите не се решение и бојкотите го попречуваат ова патување.
За спорот со Бугарија Ахмети рече дека итното затворање на овој спор „ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секогаш без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на моите сограѓани“.
Тој потсети дека откако ДУИ ги постигна успесите за еднаквост и интеграција, не случајно пристапиле кон „зeлената агенда“.