Ахмети лут на Заев за лажните референдумски анкети

Претставници на Демократската Унија за Интеграција се жалат дека од страна на СДСМ добиле лажни анкети за расположението на граѓаните за референдумот.

Според истражувањата кои што ги добиле во ДУИ од СДСМ на референдумот требало без никаков притисок да излезат 830 илјади луѓе што е за речиси 170 илјади повеќе од тие што навистина излегоа.

Анкетите за излезност ги правела агенција на истражувач близок на СДСМ, на еден екс министер на СДСМ и на еден актуелен градоначалник на скопска општина.

Според ДУИ во анкетата не биле земени предвид сите аномалии во македонското гласачко тело за што било предупредено уште пред референдумот но од страна на СДСМ им било кажано дека се е под контрола и дека и контролните анкети покажале излезност на дофат на цензусот.

Во ДУИ сега се сомневаат дека СДСМ намерно прикажала лажни анкети од две потенцијални причини.

Првата е да се натера партијата, со цел да се стигне цензусот од 903 илјади гласови, да користи насилство и масовно и систематски да полни кутии во доминантните албански средини.

Потоа ДУИ ќе беше обвинета за користење на недемократски процедури, ќе беше осудена од странците, по што, поголем број Албанци на следните избори би гласала за СДСМ.

Втората можна причина за лажните анкети е да се релаксира ДУИ во кампањата и да освои помал број на гласови по што во евентуалните преговори за предизборна коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, Ахмети ќе има полоша преговарачка позиција при распределбата на пратеничките мандати.

Според изворите во ДУИ тоа се случи. Анализите покажуваат полоши резултати за партијата од последните локални избори.

Истите извори во овој контекст укажуваат на изјавата на вицепремиерот Бујар Османи кој веднаш по референдумот побрза да каже дека во неделата гласале до 250 илјади Албанци, иако вообичаено дури и на напнатите парламентарни и локални избори бројот на Албанци гласачи е околу 230 илјади.

Бројот на кој упати Османи за познавачите е порака до Заев и СДСМ дека ако на предвремените избори двете владеачки партии одат во предизборна коалиција пратеничките мандати ќе бидат делени најмногу до 60:40 за СДСМ која ќе треба на помалите заедници да им даде пратенички места од својата квота.