„Ајде да се обединиме сите ние, Албанците, да го направиме фронтот за ЕУ, да ги повикаме и нашите сограѓани-Македонци и да ја одведеме оваа земја во ЕУ.“ – кажа лидерот на ДУИ Али Ахмети во својата реч денес на партискиот собир во гостиварското село Врапчиште.

Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ ги пренесува најважните нагласки од речта на Ахмети на овој собир на ДУИ: „Се ангажираме за обединување на политиките во земјата, бидејќи е сега решавачкиот момент за обединување и за заеднички јазик, сега е моментот за фронтот за ЕУ. Ние, Албанците заедно со нашите сограѓани треба да се обединиме, да не се зафаќаме со теми поврзани со изминатите 20 години, туку да гледаме во иднината. Скринингот треба да заврши во ноември годинава, така што овој процес мора го поминеме чекор по чекор. Имаме уште многу работа, бидејќи само така ќе се доближиме до Европа. Ајде да се обединиме сите ние, Албанците, да го направиме фронтот за ЕУ, да ги повикаме и нашите сограѓани-Македонци и да ја одведеме оваа земја во ЕУ. Ќе работиме за обединување и зближување околу заедничка платформа, за новите генерации, бидејќи врз нините плеќи се градат и другите генерации.“

„Никогаш не сме биле помоќни во Владата!“ – се испофали првиот вицепремиер Артан Груби на овој собир со сопартијците и жителите на Врапчиште. Причината за овие негови зборови е најновиот момент во врска со Коридорот 8.

Груби кажа: „Денес конечно италијанската компанија ИРД достави банкарска гаранција и го потпиша договорот за надзорен консултант за проектот Коридор 8. Во четврток во 9 часот ќе го потпишеме договорот со избраната компанија и ќе започнеме со работа со Бехтел Енка за Коридорот 8, со автопат со три ленти и ќе ја поврземе нашата држава со Албанија и не само со Албанија. Тоа е супер-голем проект, така што само за него  издвоивме 300 милиони евра, од сите капитални инвестиции, кои ќе ‘тежат’ 800 милиони евра. Дали некогаш сме биле помоќни во Владата? Никогаш.“