Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, практично се спротивстави на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум против Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, означувајќи го како една од црвените линии на неговата партија заедно со Охридскиот и со Преспанскиот.

„Договорот за добрососедство со Бугарија мора да се почитува и да се имплементира. Ова е црвената линија на ДУИ, исто како и договорите од Охрид и од Преспа, од кои зависи иднината на државата. Постигнатите договори треба да се почитуваат, договори кои ѝ обезбедија членство на нашата земја во НАТО, договори кои ѝ обезбедија на нашата земја отворање на преговорите за членство во Европската унија и нема враќање назад“, одговори Ахмети на новинарско прашање за иницијативата на најголемата опозициска партија.