Ах, тој Букурешт – Од ЕП во фудбал, Роберт Димитриевски

Според временската прогноза, требаше да истури дожд, но наместо тоа „пукна“ сонце во Букурешт и дополнително ја зовре атмосферата пред натпреварот со Украина, кој Алиоски го означи како финале на Европското првенство во фудбал за Македонија. Но, наместо сонце, нови тмурни облаци ги надвиснаа македонските навивачи, посебно тие што со своите автомобили поминаа низ сито и решето во североисточна Бугарија, во која добар дел од патот до Романија и „крајоликот“ од неговите две страни како да застанале во времето од пред повеќе од половина век. Како ни против Австрија во дебито на ЕП четири дена претходно, немаше награда за неколкуте илјади фанови што го обоија романскиот главен град во црвено и жолто, откако патешествието до него си го олеснуваа со новата „химна“ со лепливиот рефрен „Одиме на Европско првенство, таму ни е место…“.

А сè навестуваше поинаков епилог по загревањето во фан-зоната во стариот дел на градот, каде што за македонската журка беа разбрале и десетици Украинци, па побрзаа да се уверат со свои очи како изгледа тоа чудо. Богами и имаа што да видат и случајните намерници – меѓу грчката таверна „Гирос тесалоникис“ и турскиот ривал „Ефенди донер“ отспротива грми „македонската фаланга“. „Зига-зага Македонија“, „Земјо македонска“, „Денес над Македонија“ е најчесто повторуваниот дел од репертоарот, со задолжителна ерупција од одушевување на крајот, залиена со прскање со пиво врз главите на најзапалените.

Фантастичната атмосфера се пресели и на трибините на Националната арена, на кои побројни беа македонските зависници од најважната споредна работа на светот. Но, случувањата на теренот и конечниот резултат не им го дадоа фидбекот посакуван од дното на душата. Налет и малтретажата по пат, и широката лепеза финти на Романците за да ви ги извлечат и последните леи од џебот, неретко и на крајно некоректен начин. Сè ќе (им) беше простено, само избраниците на селекторот Игор Ангеловски да ги израдуваа „мачениците“ барем со реми.

Пуста македонска желба. Надежта последна умира, но во Букурешт таа не живее, сигурно. Барем не за Македонците. Никако да им се случи нешто добро таму. Како да се проколнати.

И на стартот од мундијалските квалификации во март речиси истиот македонски состав го напушти истиот овој стадион со наведната глава, и тоа откако со блиц-криг во финишот се врати од мртвите по 0:2. И кој знае уште колку македонски репрезентации и екипи во разни спортови и натпреварувања бележеле само неуспеси во овој град.

Над еден век трае тоа букурешко проклетство за Македонците, уште од парчосувањето на Македонија во 1913 година со мировниот договор што го носи името на романската престолнина. Во неа големи беа надежите и за членство во НАТО на самитот во 2008 година, па дури и тогашниот американски претседател Џорџ Буш објави дека утредента Алијансата ќе ги поздрави Македонија и Албанија како нови членки, и – статива. Ништо од тоа поради грчкото вето.

Со должна почит кон сите што ќе се повикаат на здравиот разум дека најважна е изведбата на фудбалерите на зелениот „тепих“, но човек не може да се откачи од безмалку зацементираното (само)уверување дека „има некоја тајна врска“, како што на времето пееше „Бијело дугме“. Има нешто необјасниво, нешто надреално меѓу Македонците и фамозниот Букурешт, во кој никако да дочекаат да слават.

Нека му биде простено на еден разочаран фан од поразот на македонската репрезентација, кој од силна желба за успех на Македонија веројатно и претерува со барањето објаснување за двата пораза на ЕП во нефудбалски причини. Ќе има доволно време за да го премота филмот зад воланот и можеби да дојде до поинаков заклучок додека се бори со километрите (над 600) до дома. Исто како Пандев и соиграчите во авионот за Амстердам, последната дестинација за Македонија во нејзиното прво учество на континенталниот фудбалски собир.