Возачите од приватните автобуски здруженија „Слобода превоз“ и „Макеспрес“ кои изминатите години со околу 200 автобуси го дополнуваат градскиот јавен превоз на ЈСП, се собраа пред Град Скопје во очекување на средба со градоначалничката Данела Арсовска и исплата на заостанатите средства што им ги должи ЈСП, а кои изнесуваат, како што беше речено, околу 1,5 милиони денари. Без парите не можеме да возиме, а со тоа се продлабочува агонијата на јавниот превоз во Скопје, рекоа од двете здруженија.

Кемал Муриќ, претставник на „Макекспрес“ изјави дека се подготвени да чекаат на средба и нагласи дека е жалосно што последиците ги трпат граѓаните, но и додаде дека самите приватни превозници се доведени до питачки стап и едноставно, не можат да стават гориво во автобусите. Затоа, рече, автобусите се паркирани и оцени дека веројатно, градоначалничката е погрешно информирана за состојбите и не презема мерки за враќање на градскиот превоз во нормални рамки.

Без приватните превозници градскиот превоз ќе доживве целосен колапс, наглсија возачите.

Од синдикатот во ЈСП признаваат дека состојбите се сега потешки, откако приватните превозници не возат. Нема доволно автобуси за да ги пополнат редовно сите линии и празнината направена од приватните превозници.

Освен тоа, се укажува дека бројката на исправни автобуси е падната на околу 200, колку што имаат и приватните превозници, но и дека повремено се јавува проблем и со недостиг на гориво, што се одразвуа на редовноста на градските линии.