Афера „Муртиногејт“: Ден Дончев вртел милиони од Австралија виа Муртино

Над 3 милиони денари, или околу 50.000 евра, добил Ден Дончев, додека бил директор на Фондот за здравствено осигурување, по основ на плати, од компанијата со основна дејност интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, открива неделникот „Фокус“, повикувајќи се на наоди од истрагата на Управата за финансиско разузнавање, отворена на барање на Обвинителството за организиран криминал, пренесува плусинфо.мк.

Ден Дончев уверува дека средствата што ги добил за консултантски услуги биле целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок. Но, законот вели дека тој, како јавен функционер, не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по тој основ. Според член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности. Ставот 6 од овој член предвидува дека службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственос, но не се спомнуваат консултантски услуги.

Неделникот „Фокус“ ги потврдил сознанијата дека Управата за финансиско разузнавање го известила надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, заменик на Вилма Рускоска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил околу 50.000 евра од приватната компанија „Ремаркет“. Притоа, Управата утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.

Повеќе детали на плусинфо.мк