Во врска со последните политички изјави за вклучување на меѓународни експерти по одредени судски постапки, навистина искажувам загриженост од ваквите и слични, евентуално и идни однесувања на политичките партии, вели за МКД.мк претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на прашањето како го коментира договорот меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши да побараат меѓународна истрага за неколку судски предмети, пресуди и завршени истраги.

„Анализирајќи ги последните изјави од страна на политичките партии укажувам на потребата од обезбедување на услови за независно и непристрасно постапување на судовите во обезбедување на правна сигурност на граѓаните, притоа отфрлајќи секаков вид на надворешно влијание врз правораздавањето. Независноста на судството е неопходна за обезбедување на непристрасна правда. Судовите во Република Македонија судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот”, вели Адеми.

Таа нагласува дека судската одлука може да ја менува или укинува само непосредно повисок надлежен суд во постапка пропишана со Закон, а по исцрпување на домашните правни средства, може да се поведе постапка до Европскиот суд за човекови права и укажува:

„Посебно за одредени актуелни кривични судски предмети и досега истите се мониторирани од страна на претставници на меѓународните организации”.

Во изјавата за МКД.мк претседателката на Врховниот суд Беса Адеми вели дека по анализата на последните изјави од страна на политичките партии упатува апел на воздржаност и соодветно комуницирање без да се загрози независноста и самостојноста на судската власт и судиите.

Извор: МКД.МК