Аријан Адеми, кој поради повреда не можеше да настапи за Македонија во двата последни квалификациски меча против Ерменија и Исланд, не го крие одушевувањето од историскиот пласман во баражот за Светското фудбалско првенство во Катар.
„Навивав дома, бев пресреќен кога заврши сè. Не само што сум среќен, туку сум и горд. Голема работа е тоа за цела Македонија“, изјави фудбалерот на Динамо Загреб за хрватскиот весник „Спортске новости“, кој верува дека „црвено-жолтите“ можат успешно да го поминат и баражот и да изборат учество на мундијалот.
„Видете, нема да можат да Елмас и Костадинов, а тие ни значат многу. Ќе биде многу тешко, но јас сум оптимист. Можеме по Евро да се пласираме и во Катар. Нè очекуваат два многу тешки натпревара, треба тоа да се помине. Не, ние не сме фаворити, ние сме во онаа ‘втора група’. Мораме на гостински терен во полуфиналето против сигурно силен противник. Да, тешко е, но возможно. Се надевам дека ќе бидам здрав и подготвен за тие два решавачки натпревара и оти Динамо ќе има уште двајца играчи на Светското првенство – Ристовски и мене“, додаде 30-годишниот дефанзивен играч за врска со 26 настапи и 4 гола за Македонија, асистент за победничкиот погодок на Елиф Елмас во историскиот триумф над Германија од 2:1 во Дуизбург.