Аријан Адеми во интервју за хрватскиот портал „Германијак“ ги отстрани сите дилеми дали и во иднина ќе го носи дресот на фудбалската репрезентација на Македонија.
„Решив да продолжам да играм за репрезентацијата! Сакам, можам и ќе играм. Зборував и со селекторот, сака да бидам таму и ќе бидам“, категоричен е 31-годишниот играч за врска роден во Шибеник, кој последен пат играше за Македонија во март минатата година против Португалија во Лисабон во финалето од баражот за Светското првенство во Катар.
„Тешко ми е да се простам, бидејќи групата луѓе таму е одлична, играме за својата земја, се пласиравме на последното Европско првенство, а сакаме да го направиме тоа уште еднаш. Иако, во многу тешка група сме“, додава капитенот на Динамо Загреб со 28 настапи и 4 гола во македонскиот дрес.
За квалификациската група Ц за ЕП 2024 во Германија, во која се Италија, Англија, Украина и Малта, Адеми со коментар: „Свесни сме дека нема да биде едноставно, но веќе ја победивме Германија, потоа и Италија и немаме од кого да се плашиме. Знам дека Италијанците ќе бидат посебно мотивирани против нас, бидејќи ги исфрливме од Мундијалот, но и ние ќе бидеме силно мотивирани и ‘запалени’, веруваме дека можеме да оствариме уште некоја голема победа“.