Ачкоска: Одземањето на историјата е одземање на правото на државотворност

Историчарката Виолета Ачкоска реагира на посегањето врз идентитетот на македонскиот народ преку проблематизирањето на неговата историја.

„’Во одбрана на историјата’

Историјата е како земјата на која газиме. Таа не ни припаѓа само нам, туку и на претходните и на идните генерации. И како bonus pater familias, треба да ја сочуваме, а не да ја бришеме. Со секое бришење, убиваме еден по еден од нашите предци и ги сушиме корените на дрвото на траење во времето и просторот. Така, новите генерации нема да имаат свој корен, свој идентитет, туку идентитет наметнат со политичко насилство. Со корнењето на македонскиот корен (преку ‘добрососедските’ договори со Грција и Бугарија), доаѓаме до суштината на „конечното решение“ на македонското прашање. Македонскиот народ го претопуваат во некаква мнозинска заедница која веќе не е државотворен народ. Државата Македонија веќе не е држава, туку територија – Северна. Се брише милениумско име на народ кој со векови ги негувал своите посебности: име, јазик, обичаи, кој има богата колективна и индивидуална меморија, кој од 1944 до 2001 бил државотворен, а потоа низ хируршки интервенции на „демократскиот“ запад полека се обезличува во мнозинска заедница односно етничка заедница која нема матична држава. Останува територија на која живеат секакви заедници и каде двојазичноста влезе со кршење на Уставот и законите. Операцијата попис е последниот чекор кон федерализација и поделба на Република Македонија, а ‘комисиите’ за договори и преговори се само надворешна фасада на една одамна продадена куќа. За жал, целиот процес помина со незначителен отпор од едната страна и со невидено насилство и деградирање на оние кои се спротивставуваа на убивањето на Македонија, од другата. Одземањето на историјата е одземање на правото на државотворност. Нам ни се одзема всушност историскиот легитимитет како народ на територија на која живее со векови. И затоа ќе бидеме само СЕВЕРНА територија. Сепак, јас секогаш кажувам дека историјата е непредвидлива, дека и народот кој молчи некогаш може силно да го изрази револтот против националното понижување. Историјата можеби суди со задоцнување, но секој ќе си го најде своето место. Македонија вечна!“, коментира Ачкоска.