„Кога ќе се исцрпат напорите за решение на албанското прашање во Македонија, тогаш неговото решение мора да се бара во обединувањето на албанските територии во Македонија со Албанија.“ – вели пензионираниот универзитетски професор по историја д-р Рамиз Абдули во својата подолга колумна со наслов „Албанците во Македонија автохтон и неделив дел на албанското национално стебло“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“.

За да ја докаже својата теза дека „Албанците во Македонија се автохтон народ“, првин Рамиз Абдули изнесува свои тврдења дека на територијата на Македонија „уште од антиката живееле Илирите и од нив во средновековието произлегол компактниот народ Арбери“, односно денешните Албанци. Абдули уште тврди дека „во средновековието во северозападниот дел на Македонија имало албански принципати-кнежевства, во кои народот на Арберите живеел во мнозинство’.“

Натаму во својата колумна овој историчар од Македонија пишува: „По Втората светска војна албанските простори во Македонија беа повторно окупирани, иако албанската националистичка групација се бореше за одбрана на етничките граници од македонските и бугарските окупаторски сили. Албанците од овие свои простори во Македонија останаа со статус на национално малцинство и, заедно со Албанците од Прешевската долина, беа најдискриминираниот дел од албанската нација, кој остана неправедно надвор од границите на Албанија. Во тие околности, албанското национално-демократско движење силно се спротивстави на македонскиот и југословенскиот шовинистички режим во текот на 1945-1948 година, со цел да се постигне национално ослободување и обединување.“

„Скопје и Македонија во тој период се претворија во лабораторија за експериментирање со различни насилства, за протерување на Албанците од целата југословенска Федерација во Турција. Оваа дискриминација го предизвика избувнувањето на војната во 2001 година, кога албанските момчиња и девојки зедоа оружје заради ослободување и национално обединување. Ним напомош им дојдоа нивните браќа од Косово и Албанија. Оваа војна заврши со Охридскиот договор, потпишан со посредство на меѓународната заедница. Договорот значително ја подобри и ја унапреди положбата на Албанците во Македонија, но не го реши албанското прашање: Македонија да стане држава на Македонците и Албанците.“

„Затоа, за остварување на ова свето право, албанските политички партии во Македонија мора да проговорат со еден јазик и да ги истават настрана своите инаети. За правилното решавање на албанското прашање во Македонија е одговорна и албанската држава, која во повеќето случаи одржува инфериорен однос кон македонските власти со образложение заради ‘зачувување на добрососедството’. И, конечно, кога ќе се исцрпат напорите за решение на албанското прашање во Македонија, тогаш неговото решение мора да се бара во обединувањето на тие територии со Албанија.“

„Шовинистичкиот став на македонските политичари одамна го следат елаборатите на Академијата на науки и уметности на Македонија, кои тврдоглаво ги негираат автохтоноста на Албанците и убедливите резултати на албанската историографија. Енциклопедијата на Македонија од 2009 година не само што ја негира автохтоноста на Албанците, туку ги возвишува слугите на репресивниот српски и македонски режим, кои тешко ги повредуваат чувствата на Албанците. Ваквиот став на македонската историографија и политика се отсликува и во учебниците, во кои на албанските ученици им се наметнува да учат дека нивните предци дошле од Албанија, или биле доведени таму од Азија по отоманската окупација“

„Има и албански соавтори и рецензенти на тие текстови. Затоа, итна задача за албанските автори во Македонија е да состават учебници за албанските ученици во соработка со автори од Косово и Албанија. Би било добро да се изготват заеднички текстови за албанските ученици насекаде на албанските територии во Балканот и дијаспората, како што го прават тоа соседните држави“ – заклучува Рамиз Абдули во својата колумна.