Ако по 32 години независност некому сè уште не му е јасно зошто Република Македонија е на ова дереџе, можеби ќе му се разјасни со два наизглед неповрзани и во суштина спротивставени дискурси, но и тоа како индикативни. Едниот е интонирањето на македонската химна во училиштата во Аеродром, а другиот најавата за изградба на музеј на УЧК во Арачиново.

Во првиот случај не потраја долго до првата осуда во вид на колумна со дегутантен наслов „Денес над Аеродром се раѓа нова глупост за учениците“! Замисли, богати, исполнување на државната химна и кревање на државното знаме на јарбол во образовна установа да ти било глупост?! Па, уште и „смрдлива политичка игра пред изборите“ и „злоупотреба на децата“, пишува авторката, предизвикувајќи бура од реакции на социјалните мрежи во т.н. македонски табор.

Во албанскиот, пак, никој нема забелешки, а камоли да ја означи како глупост или како смрдлива политичка игра пред изборите најавата од градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими, за реализирање на предизборното ветување за музеј на ОНА. Не дај Боже, пак, некој да праша од каде пари за уште едно спомен-обележје во општината во која веќе постои меморијален центар за загинати припадници на криминалците и ладнокрвни убијци, според тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.

Посебно ако се има предвид дека станува збор за, веројатно, единствената општина во светот што не собира данок на имот поради тоа што немала евиденција (при „жив и здрав“ Катастар). И која во неколку наврати добива државни дотации што достигнаа неколку милиони евра за изградба на канализација и за други инфраструктурни објекти.

Значи, на некои што тврдат дека се Македонци им пречи химната, па почнаа и да ја фризираат дури и на официјални настани, прескокнувајќи го делот со набројување на револуционерите. Но, ниту тие, уште помалку сограѓаните Албанци, имаат проблем со трошење астрономски суми за грандиозни зданија од типот на кулата во Слупчане во спомен на организацијата означена како терористичка.

И од едните, и од другите „мукла“ и за воената 2001 година, која однесе осумдесетина животи на македонски војници и полицајци и уште кој знае колку повредени и воени инвалиди, и за кумановско Диво Насеље во 2015 година, кое зави во црно осум семејства на македонски бранители, и за стотиците бесправни споменици на „учки“, но и на соработници на фашистичките окупатори во Втората светска војна.

И тоа не е од вчера, туку датира од самите почетоци на македонското осамостојување од некогашната југословенска федерација. И тогаш некој имаше против македонската химна, и тоа во Собранието, па на конститутивната седница на првиот повеќепартиски состав на 8 јануари 1991 година се кршеа копјата дали да се интонира и таа или само југословенската?! А (гнил) компромис се направи и со сликите, па на средина зад говорницата остана да виси таа на Тито, многу поголема од тие на Гоце Делчев и на Никола Карев лево и десно од неа.

И додека кај Македонците одново и одново се појавуваат „мрчатори“, што би рекол несудениот муртински нобеловец, на кои им пречи сè што е поврзано со македонскиот национален и државен идентитет, кај Албанците никој не го оспорува националниот интерес формулиран безмалку со консензус. Разлики има само во начинот како тој да се оствари, но не и за крајната цел. Политичките првенци на најголемото малцинство во Македонија – и од власта, и од опозицијата – се натпреваруваат меѓусебе единствено во радикализмот при промовирањето и остварувањето на идеалот.

А бре, Македонче! Безнадежното разногласие околу основните постулати што секаде и кај сите народи служат за обединување – име на државата, знаме, химна, грб – не само што не навестува ништо добро, туку ги подрива и самите темели на заедницата. Народ што не може да постигне ни минимум согласност за најелементарни нешта, а камоли за стратешки прашања, и тоа како треба да се загрижи за својата иднина.