Десеска ќе бидат одбелани 81 година од депортацијата на Евреите од Македонија,   настан организиран од владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија, со цел систематска елиминација на еврејското население од т.н. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт.

Депортацијата на Евреите од Македонија претставува дел од депортација на Евреите од сите „новоослободени територии“ (Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Поморавјето (Србија), и Тракија).

Сите Евреи од Македонија биле депортирани во нацистичкиот логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори.

Откако сите Евреи, од Скопје, Битола, Велес, Штип и од други места, биле собрани во Монополот во Скопје, на 22 март биле „испратени“ на последното патување.

Од таму не се вратил никој.

Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето на 81 годишнина од холокаустот на македонските Евреи, во 10:00 часот ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи, во дворот на поранешниот скопски Монопол.

Пендаровски ќе присуствува и ќе се обрати на комеморативната вечер којашто во спомен на депортираните македонски Евреи ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.