Филип Талески имаше неверојатен меч со „бундестимот“, можеби и најдобар откако игра за ракометната А-селекција на Македонија. Шест гола, постојана опасност, инвентивност, имагинација, плус борбеност, фокус на теренот, и во напад и во одбрана. Бекот на Рајн Некар Левен како да сакаше да се докаже и пред нашата, но повеќе и пред германската јавност.

„Ова беше многу тешка средба. Вчера реков дека ова за нас ќе биде меч за душа. Немавме никаков притисок и мислам дека заслуживме да победиме, но добро е затоа што завршуваме први во групата и пренесуваме три бода во следната фаза. Ова за нас е голем плус поради тоа што првпат во нашата историја имаме ваква ситуација да пренесеме повеќе бодови во новиот сегмент. Од наша страна сè е завршено од обврските што ни ги даде селекторот“, вели Талески.

„Нè очекуваат три нови и тешки натпревари и ако сакаме да дојдеме до посакуваното, а тоа е место во полуфиналето, треба да продолжиме во истиот стил“, заврши левиот бек.