Одлуката на ЕСЧП за поништената аболиција на Иванов ќе биде најсериозниот тест за (не)зрелоста на македонското правосудство

Што и да одлучи Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, после 16 февруари 2023 година во македонскиот правосуден систем ништо нема да биде исто. Експертите не сакаат да предвидуваат каква одлука ќе донесе судот иако упатуваат на досегашната пракса на ЕСЧП. Дел од адвокатите што ги застапуваат жалителите во Стразбур се уверени дека еднаш дадена аболиција не може да биде повлечена, па оттука и верувањето дека ЕСЧП ќе одлучи во нивна корист.

Ако судот одлучи дека државата била во право кога со закон од 2016 година му наложи на тогашниот претседател Ѓорге Иванов да ја поништи аболицијата на 56 обвинети во различни случаи на некогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), тогаш тоа ќе биде доказ дека кривичното гонење било оправдано. Ако одлуката биде во корист на жалителите, тогаш тоа ќе значи дека власта попусто им суди на десетината жалители во Стразбур, главно поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Жалителите веруваат во своите аргументи, државата не кажува како се бранела во Стразбур

Главен аргумент на жалителите, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков е тоа дека еднаш дадена аболиција не може да биде повлечена. Во нивна корист оди и фактот што, иако во малку случаи, сепак ЕСЧП веќе донел одлука во врска со ова прашање за слични ситуации но во други земји.

Адвокатот Влатко Илиевски, кој е воедно сопруг и застапник на Јанкулоска вели дека уште посилен аргумент е тоа што законот од 2016 година, кој му наложи на Иванов да ја поништи аболицијата, е спротивен на владеењето на правото.

„Но во Македонија се случи преседан. Со закон на претседателот му беше овозможено правно, да ги повлече аболициите. Тоа се случи два месеци откако беше изменет Законот за помилување. Следеше иницијатива пред Уставниот суд дали важи или не важи аболицијата. Судот зазеде еден интересен став дека тоа е пропис кој веќе не важи затоа што има ограничено време на траење од триесет дена и така жешкиот костен му го префрли на судот во Стразбур”, вели Давидовиќ.

Тој е уверен дека ЕСЧП ќе расправа врз основа на правните аргументи, а не, како што вели, како македонските судови кои се доста исполитизирани.

Професорот Прешова објаснува дека ЕСЧП на два пати во септември 2020 година судот упатил неколку прашања поврзани со валидноста на помилувањата.

„ЕСЧП прашањата ги фокусира, пред сѐ, на тоа дали постои правна основа за овозможување на поништување на помилувањата и дали законската одредба која го овозможи тоа е во согласност со принципите на владеење на правото и правната сигурност, особено со оглед на тоа што може да се примени само за конкретен круг на лица. Притоа, се поставува прашањето дали е повредено правото на фер судење со продолжување на кривичните постапки против конкретните лица, и дали има прекршување на Европската конвенција за човекови права со изрекување на мерките притвор, во светлина на случајот Лекса против Словачка кој е водечки случај во однос на прашањето на помилувањата и амнестиите”, објаснува Прешова во својот научен труд.

Случајот Лекса против Словачка се однесува на амнестијата на поранешноиот шеф на словачката Агенција за разузнавање кој во 1998 година беше помилуван од тогашниот претседател Владимир Мечијар, но во истата година парламентарното мнозинство му ја поништи аболицијата.

Сепак, Прешова анализира дека мора да се имаат предвид и разликите помеѓу овој и македонските случаи пред судот во Стразбур.

„Врз основа на изнесеното, станува јасно дека најдобрата стратегија и најсилниот аргумент на државата во предметите пред ЕСЧП е инсистирањето на разликување на случајот со контроверзните помилувања на поранешниот претседател Иванов од оној во предметот Лекса против Словачка, при што главниот фокус ќе биде ставен на правната невалидност на одлуките за помилувања од моментот на нивното донесување, а како резултат на правно дејство на укинувачката одлука на Уставниот суд од 16 март 2016 година. државата мора да предочи поради кои причини одлуките за помилувањата се спротивни на националните правни правила уште од моментот на нивното донесување и на кој начин претставуваат целосно непочитување на основните начела кои важат за правното дејство на одлуките на уставните судови, не само во рамките на државата, туку и во споредбеното уставно право воопшто”, вели Прешова.

Линк до целиот текст.