Сарачини бара јавно извинување од Божиновски

Активистот Петри Сарачини бара јавно извинување од сценаристот Божидар Божиновски поради, како што тврди, јавно изречени навреди и клевети на негова сметка. Бара извинување и од неколку портали, меѓу кои и од Експрес, што е малку чудно, со оглед дека нашиот портал само ја пренесе изјавата на Божиновски, односно неговиот фејсбук сттаус.

Објавата на Сарачини ви ја пренесуваме во целост:

ЈАВЕН ДЕМАНТ И БАРАЊЕ ЗА ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ

Божидар Божиновски, познат како Моџо Килингтон, во постови на неговиот влијателен ФБ профил, изрекува тешки навреди кон мене нарекувајќи ме „фашистичко гомно“, и ТЕШКА ЛАГА дека сум се јавувал во ТВ24 за да не го емитуваат! Овие лаги се проширија и на неколку портали, како Инфомакс, Експрес.мк и Доказ М.

Не сум се јавувал кај некого во ТВ24, мојот последен контакт со луѓе од оваа телевизија е пред повеќе од 4 месеци, на 2 јуни гостував кај Сеад Ризвановиќ во Студио 10. А за навредите од типот „фашистичко гомно“, што да речам, зборуваат сами за оној што ги изрекува и што ги шири.

Го повикувам јавно Божидар Божиновски, како и порталите Инфомакс, Експрес и Доказ М да се извинат за овие навреди и лаги и да го објават овој демант!

Го повикувам јавно уредништвото и менаџментот на Телевизија 24 да ја демантираат оваа лага која ги клевети и нив како цензори!

Го повикувам Здружението на новинарите на Македонија ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија СЕММ да им застанат на патот на овие јавни напади и хајки со лаги и тешки навреди!

И покрај овие напади кои траат со години и ми го нарушуваат личното и семејното достоинство и интегритет, досега не сум тужел никого! Ептен јак „цензор“ да сум ти бил!?

Ако на ова општество не му чинат луѓе како мене и молчи пред овие лажговци и дезинформатори, а им чинат и ги креваат во јавноста тие што со години неказнето шират вакви клевети, навреди и напаѓаат луѓе без никаква причина, нека е со здравје! Не се секирајте. Ќе ви текне, кога ќе тропнат и на ваша врата!