Македонија – небитен статист во „Отворениот Балкан“ на Рама и Вучиќ – пишува Свето Тоевски

Српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и премиерот на Македонија Зоран Заев ја основаа иницијативата „Отворен Балкан“, што е всушност, преименување на проектот „Мини Шенген“, кој беше дочекан на „нож“ особено во Косово.

„Отворениот Балкан“ е „платформа што му е потребна на регионот“ – кажа Заев по Економскиот форум за регионална соработка, кој се одржа вчера во Скопје. Но, судејќи според, „Отворениот Балкан“ ќе биде „балканска претстава“, во која „северна“ и Заев ќе имаат улоги на безначајни статисти, кои никој нема да ги прашува речиси ништо.

„Отворенобалканското лижавче“ си го ставаат во рацете тројцата балкански лидери, или можеби и друг (други) им го става в раце,како замена за „европската торта“, само колку да не останат разочарани, оти разнишаната Европска Унија им ја затвори својата порта пред носот. Не случајно, Владата на Косово ја одби оваа иницијатива, опишувајќи ја како „без визија за регионот“. Не случајно и Црна Гора и Босна и Херцеговина одбија да му се придружат на „Отворениот Балкан“.

Зошто велиме дека „северна“ и Заев ќе бидат суштински небитни во „Отворениот Балкан“? Регионалниот проект „Отворен Балкан“ е веќе отсега арена на жестоки вербални судири меѓу Србите и Албанците, но и сцена за големи несогласувања поодделно, исто така, и меѓу Албанија, предводена од премиерот Рама, и Косово, предводено од премиерот Албин Курти.

Голем број албански политичари од Косово, од Македонија, но и од Албанија, со „вербална артилерија“ од најтежок калибар „пукаат“ кон Србија и Вучиќ, отфрлајќи го „отворениот Балкан“ со квалификации дека тоа ќе биде само оживотворување на идејата за „Српскиот свет“, лансирана неодамна од српскиот министер за внатрешни работи и поддржана од Вучиќ.

Колумнистот на косовскиот весник „Бота сот“ Агим Вуниќи, дури, тврди дека „Отворениот Балкан’ без меѓународно надгледување ги отвора вратите за српско – рускиот наркодолар“!
Блерим Река, професор по евроинтеграции на Штуловиот универзитет во Тетово и поранешен евроамбасадор на Македонија во ЕУ, во Брисел, во својата колумна во весникот „Лајм“ вели: “Од 2019 година Белград настојуваше да ја продаде идејата за ‘Европска Југославија’ со друго име: ‘Балкански мини – Шенген’, но повторно по српска трговска, воена и политичка хегемонија“.

Д-р Фадил Малоку, професор по социологија и политички науки на Европскиот универзитет во Тирана, Албанија, во својата колумна, објавена на порталот на информативната агенција на албански јазик ИНА, истакнува: „Идејата за мини – Шенген е удвојување и бледа копија на ЦЕФТА (Договор за слободна централно европска трговија). Тоа воопшто не е европски, ниту американски проект, туку е целосно идеја и пансловенски детински концепт на ‘кумовите’ Вучиќ, словенскиот полтрон Заев и политичкиот платеник Еди Рама!“

Сепак, најтешки навреди се упатуваат овие два – три дена на адреса на Еди Рама, кого неговите сонародници – Албанци од регионот и од дијаспората го нарекуваат „дрогиран кловн“, „албански квислинг – предавник“, а професорот д-р Бинак Маџарај од САД на својот фејсбук – профил, пренесуван од „Бота сот“, напиша: „Нема ниеден лидер на Балканот, кој прави повеќе пи*дарии од Еди Рама. Овој човек или не е при себе поради прекумерна употреба на дрога, или го заслепил Вучиќ и овој го влече Рама за уши како магаре кај што сака.“
Од друга страна, засега во српските медиуми се уште нема толкава лавина критички написи за проектот за соработка на „Отворениот Балкан“, каква што ја има во медиумите на албански јазик во регионот.

Српскиот инфопортал „Озонпрес“ објави извештај од Економскиот форум во Скопје под наслов „Новото име за ‘Мини Шенген’ е ‘Голема Албанија“. Во други српски медиуми се тврди: „Отворениот Балкан’ е новото име за ‘Мини Шенген’, целта е како сите да се спакуваат во Велика Албанија“. Други медиуми известуваат за Економскиот форум и новиот балкански проект со позитивни тонови.

Каде е Македонија во „Отворениот Балкан“? Какви последици би можела да има таа иницијатива – проект за Македонија.

Пред се, во темелот на проектот е отворањето на границите, а и самиот српски претседател Вучиќ кажа: „Од први јануари 2023 година повеќе нема да имаме граници меѓу нашите држави. Секако, гранични премини ќе постојат, но нема да постојат за нашите граѓани.“

Во период кога особено на Балканот, а во прв ред токму во Србија, Албанија, Косово и Македонија, секој ден полициите известуваат за тешки убиства, организиран криминал, поседување легално и нелегално и циркулација на оружје и муниција, дали е толку неопходно релативизирање на границите, слободно да се движат секакви категории на луѓе?

Несомнено, економијата има своја важност, но чиниме уште поголема е важноста на безбедноста и мирниот живот на луѓето, градови без движење на сомнителни, или криминогени поединци.

Затоа ќе речеме дека наместо широко отворање на границите, попотребни се зголемени контроли и „филтрирања“ кој се влегува и излегува, а не „ако тргнете од Белград до Тирана никој да не ве запре на границите“, како што рече Вучиќ.

Во земјите на ЕУ постои „шенгенскиот режим“, што подразбира релативно отворени граници меѓу тие држави, па пак строго се води сметка кој се влегува и излегува, посебно поради секогаш присутните закани од терористички напади. Така е тоа во земјите со развиени безбедносни системи, во кои што нема „отворенобалкански“ експериментирања со кревањата на граничните бариери, па и да се меѓу соседите. Таквите максимално олеснети преминувања на границите стануваат посебно ризични кога се работи за македонските државни граници.

Второ, кој може да гарантира дека и покрај „Отворениот Балкан“ нема да се повтори земјоделскиот протекционизам на Косово наспрема Македонија, односно целомесечната блокада на извозот на македонското брашно во Косово, што се случи и во мај годинава? Уште во 2013 година во македонските медиуми можеа да се прочитаат и вакви информации: „…воведено е целосно ембарго за влез на македонска стока во Косово, косовските граѓани пак плаќаат по 5 евра за влез на автомобил и дополнителни две евра за секој патник кој сака да стапне на македонска територија. Движењето на Блаце во меѓувреме е оневозможено и од блокадата на македонските камионџии, кои беа први на удар од косовското ембарго. Загубите допрва ќе се пресметуваат и кај компаниите и кај транспортните претпријатија.“

Од теоретски аспект, изразот „Отворен Балкан“ звучи интересно и позитивно, арно ама во праксата таков Балкан не го бидува само со три држави. Тој е веќе сведен на борбата кој ќе биде позначаен регионален фактор: Србите, со поддршка од Русите и Кинезите, или Албанците, со поддршка на САД, ЕУ, Германија и Турција.

Македонија нема ниту на сон ваква и олкава поддршка, можеби само во одредена мера од Турција. „Отворениот Балкан“ од безбедносен аспект би можел да биде дури и опасен за Македонија. Македонија ќе си има свое место на масите при економските форуми, или и кога ќе се расправа за разни балкански политички прашања и теми.

Меѓутоа, во ситуација кога во внатрешните работи на „нашата земја“, но и во водењето на надворешната политика, во толкава мера се мешаат Грција, Албанија, Бугарија, како и одредени меѓународни центри на политичка моќ, реално дали може да се очекува дека „Македонија некој во „Отворениот Балкан“ ќе ја есапи како активен протагонист, или како обичен статист? Дали направила и какви економски анализи македонската Влада во поглед на економските ефекти и ризици од започнувањето на проектот за „Отворен Балкан“, има ли безбедносни сценарија? Регионална соработка на Балканот секогаш ќе биде потребна, но не како замена на евроинтеграцискиот сон, кој се распрсна како меур од сапуница за жителите на Балканот.

Ваква судбина му се претскажува и на проектот на „Отворениот Балкан“ сега уште и кога се уште не започнал оперативно да функционира.