Македонската ,,0″ за Перистери доживеана како омраза кон Албанија

„Негласањето за албанската песна е омраза кон Албанците“

Вчера во гласањето по финалето на годинашниов натпревар на „Евровизија“ македонското жири и додели 12 поени за песната на Србија, а меѓу композициите што не добија ниеден глас од македонското жири беше и песната на Анџела Перистери, која ја претставуваше Албанија. Во врска со ваквото гласање информативната агенција ИНА денес објавува реакција на универзитетскиот професор Муамер Пајазити, кој смета дека таквото гласање е од омраза кон Албанците

„Како и порано соседите гласаа едни за други. Исклучок се случи со Македонија, која и даде 12 поени на Србија, а ниеден на Албанија. Кои се имињата во ова толку ‘професионално’ жири, има ли било кој Албанец таму? Кој го плаќа ова жири, кое намерно ги повреди Албанците – повеќе од 40 отсто од населението на Македонија? Каде сакаат да одат Македонците со оваа омраза кон Албанците?“, прашува професорот.

Пајазити прашува уште и „зошто така со Албанија, која не оспорува ништо и нема ниедно отворено прашање со нив?“, мислејќи на Македонците, па потоа порачува дека треба да се земе примерот на Швајцарија, која на „Евровизија“ годинава настапи со Ѓон Мухаремај, пеач од албанско етничко потекло.

„Швајцарија жнее највисоки успеси со Албанците на меѓународната сцена, било во музиката, било во други сфери. Нашите момчиња ја одведоа и македонската фудбалска репрезентација во европските натпреварувања, но мнозинството од Македонците не сакаат ниту успех од нив! Срамота“, пишува Пајазити.