Среќните добитници во лотаријата на смртта – пишува Горан Момироски

Ме мачат грозоморни соништа. Стравот од короната ми причинува кошмари во кои, во различни фантастични ситуации се јавуваат знајни и незнајни ликови.

Во некои од кошмарите, кои на толкувачите на соништа веројатно многу можат да им кажат за мојата душевна состојба, гледам многу нелогични, фантазмогорични и страшни работи за кои “Мајсторот и маргаритата” наликува на сликовницата “Јованче и Марика во забавниот парк”.

За среќа голем број од соништата веднаш ги заборавам но некои ми остануваат во главата додека не бидат истиснати од други состојби на јаве кои се понелогични и покошмарни и од самите соништа.

Понекогаш во соништата сум лустер надвиснат врз траорот на семејството кое штотуку добило вест дека нивниот син, брат, татко, мајка, баба, сестра е извлечен во најстрашната лотарија.

Понекогаш сум предната гума на моторот на Филипче и меѓу тикањеро на ауспухот пред мене го слушам Заев како во негов стил објаснува дека народот го сака како Тито и дека нема да дозволи ниту една смрт да ја загрози паролата “Живот за сите”.

Понекогаш сум барабан за лото во чија кошмарна верзија ја нема Маријана и лото броевите туку во вителот на електричната машина се вртат матични броеви на граѓаните.

Наместо Маријана броевите ги извлекуваат Филипче и Заев а “среќните добитници” во оваа тажна лотариска верзија се заболените од Ковид19.

Избраните во “Џокерот” се луѓето кои го губат животот како последица на пандемијата, немаштијата, лошата здравствена нега или нешто слично.

Кошмарот трае не запира. Лицата на Филипче и Заев не се насмеани како тоа на Маријана но не се ниту стушени, ниту разочарани.

Само студен поглед во далечината, без никаква емоција.

На моменти испуштаат груби извици кои не можат да се наречат смеење ниту плачење. Како пред нив да минал Кавасаки од 2500 кубика со човечки лик.

Ги објавуваат лежерно матичните броеви на заболените и мртвите и се довикуваат со режијата. По секој објавен број прашуваат дали е добар кадарот, дали биле убави додека зборувале, дали е поубаво да ги кажуваат само броевите или да ги кажуваат жртвите по имиња. За посилен ефект кај рајата.

Некој од ПР советниците им довикува дека е подобро да се оди со имиња и да пуштат по некоја солза од очите. Зашто така народот ќе видел дека имаат чувства и ќе ги сакал повеќе.

Неволно го слушаат советот се обидуваат да се расплачат, се гризат и се штипат меѓу себе но солзи нема. Се обидуваат да размислуваат за своите деца и најблиски кога би требало да ги извлечат од барабанот на смртта. Простете но солзите без емоции сами не капат, им довикува режисерот и го најавува финалето на денешното издание на лотаријата на смртта.

Шоуто влегува во кулминација. Извлечените броеви се при крај, водителите најавуваат дека утре повторно ќе има ново извлекување а на своите ПР советници им ветуваат дека тогаш ќе плачат сигурно, ако треба и со капките за очи од моделот Прокурин.

Излегуваат од студиото, се качуваат на моторите и заминуваат делејќи ја фамозната Лиде Лиде на два дела турирајќи ги моќните машини облечени во кожа како вистински мачо типови.

Ако имаат среќа подоцна на паузата од моторџиското крстарење во некој скап ресторан ќе се обидат да пуштат солза, смеејќи се на вицот кој им го пратил Рашковски од Канкун.

На солзите на трисетинаата семејства чии членови ги извлекле од барабанот не им веруваат. Како ни на маките на тие десетина дузини кои ги чека пеколот барајќи слободни кревети, молејќи се некој да почине за да дојдат до место во здравствените објекти кои се под целосна контрола. На смртта.

И се така до следното извлекување кога и вие и јас, и сите во оваа проклета авлија ќе се надеваме Филипче и Зоки да не го допираат топчето со нашиот матичен број во барабанот што врти за сите нас.

П. С.

Филипче и Заев не се виновни за сите македонски маки ниту за тоталниот хаос во здравството, голем дел од вината имаат и предходните власти и сите македонски премиери и министри кои не знаеле или не сакале да ги одредат приоритетите на нацијата.

Но Заев и Филипче се тие кои веќе една година не уверуваат дека се е под контрола и дека се прави сѐ што се може за да се запре погибието на македонските граѓани.

Тие се луѓето кои освен што немаат никаква видлива емоција за тие што заминуваат засекогаш или влегуваат во неизвесна и тешка болест, не прават ништо видливо за последиците по граѓаните да бидат поблаги а поголем број семејства да ја избегнат трагедијата.

Тоа се луѓето кои наместо да бидат со својот народ кој крвари заминуваат како тинејџери да уживаат во скапите мотори по егзотични патишта додека народот талка меѓу српските автопати и македонските животни беспаќа.

Како да претчувствуваат дека наскоро и тие ќе бидат во некој од барабаните, дека и за нив “ќе бијат камбаните” кои сега чукаат за Драги Рашковски и Оливер Спасовски.

Посветено на екипажот на Визер на летот W6774 од Берлин до Скопје
29 Март 2021 лето господово
На небото некаде меѓу Прага и Куманово