115 години од загинувањето на Гоце Делчев

Денеска се одбележуваат 115 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој беше убиен од турскиот аскер во селото Баница на 4 мај 1903 година.

Делегација на владата на Република Македонија, предводена од премиерот  Зоран Заев, во црквата „Свети Спас“ во Скопје, ќе положи цвеќе и ќе оддаде почит на гробот на македонскиот револуционер.

Ѓорѓи Николов Делчев, роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија, во семејството на Султана и Никола, беше учесник во македонското револуционерно движење, деец на македонската револуционерна организација, апостол  на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија, а бил учител во Штип. Како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството, неговите посмртни останки најпрво се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков.

Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.