Спикерот во македонкиот парламент има намера в петок да закаже продолжение на седницата за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Според Деловникот, додека заседава матичната комисијата за ребалансот на буџетот, не може да биде закажана пленарна седница.

“Постои можност додека трае расправата за ребалансот на буџетот да може да се работи на пленум по однос на оние заостанати седници, меѓу кои е дебатата отпочната за разрешување на Зврлевски”, рече Џафери и додаде дека пленарни седници може да се одржат и во сабота и недела.

Џафери на прес-конференцијата што ја одржа по повод сто дена од стапувањето на функцијата најави дека на 2 август, односно на Илинден ќе присуствува и ќе се обрати на прославата на овој празник во Крушево. Џафери денеска започна на албански јазик, а потоа продолжи на македонски. Според него, тој го искористил своето уставно право како пратеник да ги користи двата службени јазици на Македонија и тоа не го смета за провокација.

Според Претседателот на собранието на Република Македонија, Талат Џафери доколку се тече според предвиденото локалните избори ќе бидат распишани на 6 август, а ќе се одржат на 15 октомври. Пратениците, пак, ќе одат на одмор од 8 до 25 август.