Просрпските медиуми во Македонија го компромитираат договорот за добрососедство, вели бугарскиот европратеник.
Написите во Македонија дека Албанија не го признава бугарското малцинство се реакција на Договорот за добрососедство потпишан помеѓу Софија и Скопје.
Ова во денешниот утрински блок за еден бугарски медиум, го изјави европратеникот од Европската конзервативна и реформистичка група, Ангел Џамбаски.
Тој истакна дека е важно да се знае дека Законот за малцинства во Албанија сé уште не е усвоен, но се дискутира.
Законот бил разгледуван во правната комисија и во понеделник и вторник ќе биде разгледан и од другите комисии. Бугарското национално малцинство ќе биде застапено и ќе ги брани своите права да биде опфатено со овој закон.
Дозволете ми да ве потсетам, вели Џамбаски, дека бугарското малцинство ја искористи можноста понудена со овој предлог закон и поднесе барање да биде признато, запишано во текстот, што е поддржано со потребниот број потписи.
Така, просрпските медиуми, викаат „оп“ пред да скокнат, изјави европратеникот.
Ангел Џамбаски додаде дека Бугарија треба да вложи максимални напори за што побрзо да востанови државјанства за Бугарите во Албанија.
Во телефонски разговор неделава, бугарскиот премиер го повикал албанскиот колега Еди Рама да се заложи за закон што ќе ги гарантира правата на бугарското малцинство во таа земја.
Со новиот нацрт-закон се признава постоење на осум национални малцинства: Македонци, Грци, Египќани, Власи, Роми, Црногорци, Срби и Бошњаци.
Во својот повик до Рама, Борисов рекол дека очекувал законот да содржи клаузули кои ќе ги штитат правата на бугарското малцинство во Албанија.
Бугарија во последните години е во офанзива за пронаоѓање „бугари“ во оваа земја на кои им издава бугарски државјанства и пасоши.