Јорданскиот принц Фаисал награди македонски волонтери

Волонтери од Македонија ја добија наградата за иновации за нивната „Програма за спорт и уметност за мир“ за децата во Тетово, која на специјална вечера им ја врачи јорданскиот принц Фаисал бин ал Хусеин, основач и претседател на организацијата „Генерации за мир“.
Наградата претставува признание за вонредни постигнувања во рамките на седмата годишна напредна обука на „Генерации за мир“ како водачи на програми за градење на мирот во нивните заедници низ светот.
„Нашиот свет има потреба од поголема надеж и инспирација, а активностите на ‘Генерации за мир’ тоа го обезбедуваат постојано, секоја недела, не на голема сцена, туку во училиштата, во младинските центри и во спортските клубови, во бегалските кампови, во селата и во соседството. Тоа е сцената на која мора да се одвива вистинската работа за градење одржлив мир, за да се стигне до срцата и до умовите на сите“, изјави принцот Фаисал на церемонијата, на која присуствуваше и Мохамед ал Набулси од „Самсунг електроникс Левант како поддржувач на „Генерации за мир“.
Наградата за квалитет ја добија волонтери од Уганда, за влијание нивните колеги од Нигерија и за одржливост доброволци од Јордан.