Напаѓач што возел амбулантно возило натоварено со аксплозив го активирал во Кабул, оставајќи зад себе 40 загинати и 140 повредени, соопштија авганистански службени лица.

Експлозијата се случила во 12:45 часот по локално време откако возилото го поминало првиот безбедносен пункт, според портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Насрат Рахими. Полицијата го идентификувала напаѓачот на вториот пункт, но не успеала да го запре пред да го активира експлозивот во близина на зградата на МВР, изјави тој.

Талибанскиот портпарол Забиулах Моџахид ја презеде одговорноста за нападот.

Експлозијата доаѓа една недела откако беше нападнат хотелот „Интерконтинентал“ во Кабул, каде што за време на 12-часовната престрелка со безбедносните сили напаѓачите убија 22 лица. Од убиените, 14 беа странски државјани и осуммина Авганистанци, а авганистанските безбедносни сили ликвидираа шестмина напаѓачи.

Во средата милитанти на Исламска држава ја нападнаа канцеларијата на британската хуманитарна организација „Спасете ги децата“ во градот Џалалабад во источен Авганистам и притоа убија најмалку четворица, а десетина лица беа повредени.