Стерјовски: Бугарија бара Бугари во Албанија каде што има Македонци

Васил Стерјовски од Македонска алијанса за европска интеграција во интервју за ТВ 21 вели дека Бугарија ја присили Албанија да признае бугарско малцинство, присвојувајќи го македонското, а со закана за вето за членство во Европска унија.

„Ние како македонска заедница не сме против да се признае бугарско или друго малцинство, но сме против дека станува збор за иста територија и за исти луѓе, станува збор за нас Македонците. Бидејќи Бугарите бараат Бугари таму каде што живеат Македонци – во Гора, Преспа, Голо Брдо. Така што, следниот чекор на бугарската политика ќе биде негација на македонското малцинство и признавање само на бугарско малцинство во овие територии во Албанија“, изјави Стерјовски (на фотографијата прв одлево).

„Бугарија од 1990 година континуирано води пропаганда, пред сè, во првите години праќаа научни експедиции, научници, историчари, фолклористи го собираа фолклорот на Македонците во Албанија и тоа го прават континуирано секоја година. Ги посетуваат сите села и градови каде што живеат Македонците во Албанија, го собираат фолклорот и потоа одат во Бугарија и го објавуваат како фолклор на Бугарите во Албанија“, додава тој.

Стерјовски вчера беше меѓу видните личности на македонското малцинство во Албанија што го пречекаа албанскиот претседател Илир Мета при неговата посета на Пустец.