Собранието усвои Декларација за одбележување четири години од членството во НАТО

Собранието денеска ја донесе Декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од членството на Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата во рамките на 149. седница.

Претседателот и подносител Јован Митрески, нагласи дека со донесувањето на Декларацијата ја потврдуваат определбата за давање сериозен и значаен придонес во обезбедувањето на регионалниот, но и на светскиот мир и стабилност. Четири години по зачленувањето во Алијансата, заклучи дека донесените одлуки на патот за членството, биле тешки, но вределе.

Претходно, пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, побара тргање на декларацијата од дневен ред, изнесувајќи аргументи дека Алијансата е агресор и кршач на меѓународното право. Според него, членството во НАТО не носи економски просперитет и оти, како што рече, буџетот се користи за милитаризација, наместо за социјални пакети за граѓаните.