Кога младите грчки ракометарки или нивното раководство пред еден месец решија да го напуштат теренот по само пет минути игра на ЕХФ шампионатот во Скопје и тоа поради банална причина, а тоа потсетуваме беа тренерките на нашиот стручен штаб на кои стоело името Македонија, веројатно не можеа ниту да помислат дека ќе одат на прием кај претседателот на државата.
И ако е обичај кај првиот човек на секоја држава да се оди со резултат или медал, девојчињата не постари од 17 години беа на гости кај Прокопис Павлопулос поради бегање од терен и елиминација зошто за таквиот потег ЕХФ немаше разбирање и реши да ја исфрли Грција од шампионатот. И ако за Македонија и за останатите учеснички кои беа дел од првенството, гестот на грчките ракометарки изгледаше срамен, тој наиде на херојски почести во нивната земја.
 „Ја одбранивте нашата држава, вие сте пример за вашата генерација. Ви благодарам што сте тука“ малку претера Павлопулос на средбата која има елементи на користење на деца и малолетници во политички цели.