Италијанскиот оперски режисер Џанкарло дел Монако се придружи на стотиците повици за правда и ослободување на македонскиот оперски пејач Игор Дурловски со видеопорака што ја завршува со симболично лепење фластер врз устата.
„Јас сум Џанкарло дел Монако. Барам правда за Игор Дурловски. Го познавам Игор Дурловски многу добро. Тој е прекрасна личност, извонреден татко, извонреден сопруг и извонреден пријател и беше многу, многу добар генерален директор на Операта во Скопје. Верувам дека е затворен без никаква причина. Барам правда за Игор. Мислам дека во Европа нема можности за земји кои не ги почитуваат човековите права. Поради тоа, протестирам против она што се случува со Игор Дурловски“, вели во видеопораката синот на легендарниот тенор Марио дел Монако.
Доајенот на оперската уметност, кој има режирано во најголемите оперски куќи низ светот, вклучувајќи го и „Метрополитен“ во Њујорк, на сцената на Македонска опера и балет ја постави операта „Турандот“ кога Дурловски беше директор на националната институција.