По палењето македонски знамиња, денеска протест во Приштина

За денеска во 14 часот е закажан протест во Приштина за пресудите за обвинетите за тероризам во случајот „Диво насеље“, на кој е најавено присуство и на членови на семејствата на осудените лица.
Собирот е свикан на плоштадот „Захир Пајазити“, а учесниците на протестот потоа ќе се упатат до македонската амбасада, јавуваат косовските медиуми.
Синоќа во Гнилане и во Пеќ гореше македонското знаме како реакција на одлуката на Кривичниот суд во Скопје за вкупна казна од 746 години затвор и седум доживотни казни за членовите на т.н. кумановска група. На доживотно осудените денеска им се придружи и Сулејман Османи од селото Брест, кому му се судеше одвоено.
Судот целосно ослободи четворица од 37. приведени лица за крвавата пресметка со македонските безбедносни сили на 9 и 10 мај 2015 година, во која загинаа осум полицајци и десет члена на групата.