Политичарите со блокади, грчките владици со песна кон Македонија

Грчкиот хор од Атина под раководство на Николај Месогејски за прв пат настапува на бдението што Бигорските монаси го служат во пресрет на патронот на Бигорскиот Манастир, Јован Крстител.

Сеноќното бдение  трае до утринските часови, а со него чиноначалствува Брегалничкиот митрополит, г. Иларион.

Ова е прв пат грчки хор да учествува на бдение во Македонија. Според информациите на Религија.мк, патувањето во Македонија и учеството на бдението е со благослов на грчкиот Архиепископ, Јероним. Тој всушност е и почесен член на псалтите од хорот. Станува збор за еден од најпознатите грчки хорови. Протопсалтот на хорот е претседател на сите псалти во Грција.

Утре пак во Бигорскиот манастир ќе допатува и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и надлежниот митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј.

Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09:00 часот и со неа ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, во сослужение на Високопреосвештените Митрополити г. Тимотеј и г. Иларион.

Бигорската обител ги кани сите верници да присуствуваат на оваа величествена слава на Манастирот. пишува во својата информација специјализираниот портал за верски прашања религија.мк