Пицата е едно од најомилените јадења на милиони луѓе, особено италијанската.
Италијанската кулинарска традиција носи безброј варијанти кои се разликуваат од регион до регион. Ви пренесуваме рецепт за вистинска италијанска пица.
Состојки
Тесто:
-500g брашно тип 500
-10g квасец
-сол
-оригано
-млеко
-1 жолчка од јајце
-маслиново масло
-вода

Сос:
-лупени домати од конзерва
зачини: сол, црн пипер, босилек, темјан

Горен дел:
-сирење моцарела
-свежи печурки
-шунка (или друг вид на месо по избор)

Приготвување на тестото за пица
Во длабок сад ставете го брашното, квасецот, солта и ориганото. Додајте ги млекото, жолчката од јајце и маслиновото масло. Бавно додавајте ја водата, притоа постојано мешајќи. Месете го тестото сè додека не почне да се одделува од ѕидовите на садот и од рацете (5-7 минути). Потоа прекријте го садот со крпа и оставете го да отстои 2-3 часа на собна температура. За ова време, тестото ќе го удвои својот волумен.

Приготвување на сосот за пица
Не користете свежи домати или кечап. За приготвување на сосот, испасирајте лупени домати од конзерва и зачинете ги со сол, црн пипер, свеж босилек и темјан (по вкус). Наместо домати од конзерва, можете да користите домашен доматен сос.

„Редење“ на пицата
Премачкајте го дното и страните на плехот за печење со малку масло. Земете дел од тестото во форма на топка, и не се обидувајте да го сукате, туку ставете го директно во центарот на плехот. Со прстите нежно притискајте го тестото, полека растегнувајќи го од центарот кон страните на плехот.

Важно: треба да добиете тенка кора. Иако состојките се предвидени за 2 пици, во зависност од големината на вашиот плех, можеби ќе треба да употребите помалку тесто.
Основна почетничка грешка при правењето на пица е ставање на преголема количина состојки. Овде важи правилото „колку помалку – толку повеќе“, т.е. треба да користите помалку состојки. Во спротивно, тестото нема да може да се испече и ќе биде живо, а пицата ќе биде „течна“.
Премачкајте го тестото со сосот од домати. Врз сосот распоредете парчиња од моцарелата. На крајот распоредете ги свежите печурки и производ од месо по избор (шунка, чаен колбас, кулен). Уште еднаш нагласуваме – не претерувајте со состојките!
Рерната треба да биде претходно загреана на максимална температура со вклучен горен и долен грејач. Ставете ја пицата да се пече. Времето на печење изнесува 5-10 минути. Ќе знаете дека пицата е готова кога тестото ќе добие златна боја.
Откако ќе ја извадите, врз пицата ставете неколку ливчиња свеж босилек и послужете .