Најдобрите македонски одбојкари вечерва имаат полуфинале од завршниот турнир во Европската лига и ќе се обидат трет пат едно по друго да се најдат во финалето. Противник ни е домаќинот на натпреварувањето Данска која во прелиминарните борби имаше 4 триумфи и 2 пораза со сет количник од 14-7 што не беше ни близу до нашите шест врзани победи на турнирти во Скопје и Тирана во кои освоивме 18, а загубивме само 3 сета. Но се тоа сега е неважно зошто решава само средбата во предградието на Копенхаген, Гентофте каде домаќинот ќе има мала предност на домашен терен и своја публика, но според досегашните партии, не и во квалитет, зошто пред се, тие го немаат Никола Ѓорѓиев.

“Селекцијата на Данска ни е добро познат противник. Имаме добар биланс со неа, но ќе мора да се помачиме во новата пресметка со нив за да дојдеме до финалето” рече капитенот пред заминувањето за Данска.

Македонија против Данска во полуфиналето од Европската одбојкарска лига од 19 часот. Цел е продор до финалето и победа и таму, но да одиме по ред. Инаку во првото полуфинале од 16 часот на истото место играат Украина и Шведска.