Нов претседател на Македонија без „свиткан грбник“, кој мудро „ќе го провре македонскиот конец низ меѓународната игла“

Пишува: м-р Свето Тоевски

„Не би сакал да ни се повтори Букурешт.“ – вели претседателскиот кандидат од обединетата албанска опозиција „Вреди“ Арбен Таравари во интервјуто за ТВ Телма. Тој овој став го поврзува со уставните измени за внесување на Бугарите „како услов од ЕУ“, бездруго, или веројатно мислејќи на Букурешт 2008 година. Тогаш во август таа година на состанокот на врвот на министрите за надворешни работи на државите-членки на НАТО Грција стави вето на зачленувањето на Македонија во овој воен сојуз, поради одбивањето да се откаже од своето име и да биде прекрстена по желба на Грција.

Втор „Букурешки договор“ 2024

Таравари го споменува денес пак името на главниот град на Романија, но тој сигурно не знае колку злокобно, колку травматично прозвучува споменувањето на зборот „Букурешт“ во душата на македонскиот народ, распарчен и самиот тој и територијата, на која живееше многу векови, во август 1913 година со „Букурешкиот договор“. Опозицискиот кандидат за „прв албански претседател на * Македонија“ кажува дека „не би сакал да ни се повтори Букурешт“, но, случајно, или не – кажува нешто, што би можело да се претвори навистина во втор „Букурешки договор“ 2024.  

Во анализата на весникот „Нова Македонија со наслов „Ѝ намигнува ли некој дискретно на Софија?“, објавена на 28.2.2023 година историчарот д-р Тодор Чепреганов вели дека „барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав не е нималку наивно, како што некој сака да го прикаже“ и нагласува: „Нашиве заблудени политичари никако да сфатат дека историјата ни се повторува, само сега малку поинаку спакувана. Албанците и Бугарите работат заедно на разнебитување на Македонија и нејзина поделба во границите како што била поделена за време на Втората светска војна.“

Повторно случајно, или не, на 22.2.2023 година во емисијата „Аргумент“ на Втората програма на албански јазик на Македонската телевизија Таравари како лидер на Алијансата за Албанците ќе каже: „Ако не се внесат Бугарите во преамбулата на уставот, тогаш Македонија ќе влезе во криза, што ќе биде подлабока од оваа криза, во која се наоѓа сега.“  

Таравари беше многу појасен кога на 10.2.2023 година отворено предупреди дека „загрозувањето на европската перспектива преку неможноста да се отвори македонскиот устав и во неговата преамбула да се впишат Бугарите, би можело да ги зголеми фрустрациите кај Албанците во Македонија, тие да се радикализираат и да се појават и идеи за реорганизација на државата“.

Новиот претседател како бедем на унитарноста и територијалниот интегритет на Македонија

Токму заради тоа да не се повтори „Букурешт“ 1913-та, да не се случи нова поделба на Македонија како во 1941-та година – „реорганизација на државата“?! – потребно е Македонија да добие на 8 мај свој нов претседател, кој ќе претставува и натаму еден од последните бедеми на територијалниот интегритет, на неделивоста на нејзината територија, како и на нејзината унитарност како држава. Постојат реални можности да се случи избор на токму таква личност како нов македонски претседател, но заради релевантноста на оваа политиколошка анализа нема да се впуштам во шансите за избор како претседател на пријавените кандидати/кандидатки, споменати конкретно по имиња.

Слоганот „Да го избереме нашиот претседател“ прилега за избор на претседател на куќен совет во некоја зграда во одреден град, или за избор на претседател на месна заедница во некое село, но не соодветствува со изборот на претседател на унитарна и територијално неделива Република Македонија. Македонија би морала да добие нов претседател, кој јасно и гласно ќе го кажува нејзиното име Македонија, но кое не е само нејзино уставно, туку многу повеќе генеричко име, име што е неразделно произлезено од идентификациската одредница „македонски“ за македонскиот народ и територијата, на која многу векови живее македонскиот народ.

Меѓутоа, на оваа држава ѝ е потребен нов шеф, кој ќе го изговара не само дома нејзиното име, туку и кој ќе започне постапно да го користи нејзиното име Република Македонија во странство, во меѓународната комуникација, не на начин, кој ќе ги иритира меѓународните фактори и „добрите соседи“: нималку со срамење и со соодветна гордост, ама и со дипломатска тактичност и умешност „низ меѓународната игла да се провре македонскиот конец“ и без никој да се почувствува дека е „боцнат“ премногу, ако е можно. Сепак, неизбежно е дека ќе има прилично бучна реакција, поради ваква „нова именска пракса“, арно ама мора да се почне веќе еднаш.

Во стилот наТомас Џеферсон, еден од основачите на Соединетите Американски Држави и нејзин трети по ред претседател во нејзината историја, кој кажал „кога неправдата станува закон, тогаш отпорот станува должност“, слично денес во својата колумна со наслов „Капитализмот е мртов“, која ја објави весникот „Нова Македонија“, и академикот Љупчо Коцарев упати повик за „отпор и спротивставување кон договорите со Грција и Бугарија и  Преговарачката рамка со ЕУ како единствен излез за Македонија“.

„Македонија нема друга алтернатива освен отворено да се спротивстави на договорите со Грција и со Бугарија, но и на Преговарачката рамка со ЕУ! Ставот на ЕУ и на другите стратегиски партнери, преточени во договорите и во рамката, дека Македонците ‘ќе бидат асимилирани: отпорот е залуден!’ мора да се претвори во неговата спротивност: отпорот не е залуден – тој е нашиот единствен излез!“ – нагласи Љупчо Коцарев.

Дипломатски тактично, но и без „свиткан грбник“„низ меѓународната игла да се провре македонскиот конец“

Од клучно значење се за македонскиот народ овие претседателски избори и од редица други аспекти. Македонија треба и мора да добие нов претседател, кој ќе започне од сосема нови позиции да истапува активно и достоинствено на меѓународната сцена во името на македонскиот народ и сите други граѓани на Македонија: без сервилност и полтронство, без „свиткан грбник“ пред светските и европските политичари, особено не пред дипломатските и други претставници на официјална Софија и официјална Атина.

„Мал“ и „безначаен“ е оној политичар, оној државник и оној народ, кои самите за себе мислат дека се такви уште и пред другите да започнат да се однесуваат кон нив потценувачки. Оној политичар, претседател на држава и оној народ, кој секогаш и пред какви било геополитички и „добрососедски луњи“ ќе бидат со гордо и високо крената глава, со чувство на самопочит, без разлика колку ги има на број, можат да очекуваат дека тогаш и другите, „големите“ однадвор ќе почнат колку – толку повеќе да ги ценат, да ги почитуваат.

Во ваквиот контекст новиот претседател на Македонија ќе треба да започне да внесува нови барања и тонови во политиката на оваа држава особено и кон Бугарија и Грција. Токму на денешен ден 10 април (според стариот стил, а според новиот на 22 април), на денот на убиството на „Пиринскиот цар“ Јане Сандански, посочуваме на една важна карактеристика на неговата револуционерна дејност и борба за создавање самостојна и слободна држава.

„Ставовите на Јане не беа насочени против Бугарија и бугарскиот народ, туку против бугарската политика кон Македонија.“ – констатира историчарот д-р Ванчо Ѓорѓиев во својата научна студија „Јане Сандански и посебноста на Македонија и Македонците“.

„Ние не ја мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси.“ – ќе каже во своето време Сандански, а пооделно во писмото, упатено до Грците-жители на Мелник во 1904 година, ќе нагласи став еднакво актуелен и денес по 120 години: „Не сакаме ние бугарска Македонија, туку Македонија на Македонците, ослободена од тиранијата.“

Значи, сега во овој веќе започнат период на воени судири и политичко-безбедносни вриежи во Европа и светот, кога се будат народите и суверенистичките движења во Европа поодделно, новиот претседател на Македонија ќе треба да го запазува континуитетот на залагањата и политиката на највидните дејци за создавањето на македонската држава: од Гоце Делчев и Јане Сандански, се до Методија Андонов – Ченто, првиот претседател на Македонија: континуитетот на една политика за непоколеблива одбрана на животните државно-национални интереси на македонскиот народ, без омраза кон други народи во Балканот, наедна мирољубива, но и доследно промакедонска политика.

На домашен план новиот претседател на Македонија ќе има, покрај другите, исклучително важна, но и сложена задача да се спротивставува на било чии етнички агенди, кои одат во насока спротивна од македонската државна агенда, но која ги опфаќа не само интересите, потребите и барањата на Македонците како народ, туку и интересите, потребите и барањата на сите етнички заедници, што живеат во Македонија.

Во оваа смисла, на 8 мај оној / онаа што ќе победи на претседателските избори ќе мора да има предвид дека ќе мора да биде претседател и гарант на единството на сите граѓани на Македонија, а не политички претставник само на еден етникум. Повторно, и во оваа смисла постои реална можност Македонија да добие таков претседател / претседателка, но одлуката за таквиот избор е во рацете на македонскиот народ и на сите други граѓани-гласачи во земјата.

Првпат по Втората светска војна и по осамостојувањето на Македонија изборот на нејзин нов претседател/претседателка здобива толку голема, дури и критична важност. Новиот носител на највисоката политичка и државничка функција ќе мора да ја спречи сосема извесната можност и веќе закана да биде и последниот претседател во поновата историја на Македонија, зашто некои се во нетрпеливо исчекување „да ни се се повтори Букурешт“ во смисла на предупредувањето на Тодор Чепреганов за уставните промени…  

Во оваа политиколошка анализа изнесувам ставови и заклучоци, кои не се поврзани со програмските погледи на ниедна политичка партија и со уредувачката ориентација на ниеден медиум во Македонија.