Повеќето луѓе се нашле во ваква или слична ситуација. Огромниот број на информации кои секојдневно ги примаме и динамичниот начин на живот кај секого предизвикуваат проблеми со помнењето. За да си ја подобрите меморијата, несомнено треба да го одржувате мозокот активен и во добра кондиција.

Невробикот ќе ви помогне да го активирате и вежбате мозокот за да го одржите во добра форма.

Активностите кои ги правите секој ден стануваат автоматски, несвесни и не бараат голема ангажираност од мозокот. Миењето на забите и приготвувањето на утринското кафе можете да ги направите што би се рекло додека спиете, бидејќи за тие активности не треба многу да мислите и со тек на време стануваат автоматски. Во таквите моменти, мозокот не вежба и не е активен и ангажиран како што би бил кога би правел нешто ново.

Невробикот го нуди токму тоа – вежбање и активирање на мозокот за да остане во добра форма.

ШТО Е НЕВРОБИК?

Терминот „невробик“ е воведен од страна на американците Лоренс Кац и Менинг Рубин и претставува подобрување на интелектуалниот капацитет на мозокот преку систем од вежби.

Како што редовните физички вежби помагаат во изградувањето на мускулите на телото, така мисловните вежби, односно вежбите на невробикот, помагаат во подобрувањето на меморијата и движечките функции на мозокот. Вежбите кои се користат за таа цел се нерутински и неочекувани за мозокот, а вклучуваат различни комбинации на сетилата за вид, мирис, слух, допир и вкус, како и „емотивното сетило“.

Невробик вежбите се разликуваат од другите типови вежби за мозок, како логички сложувалки, крстозбори, судоку, игри за меморија и сл., токму поради тоа што ги користат човечките сетила и тоа на нов начин, за да го поттикнуваат мозокот да создава нови асоцијации меѓу различните типови информации.

Невробикот може да се практикува и од деца и од возрасни. Децата го користат за да ја зголемат својата концентрација со цел полесно совладување на новите знаења, а возрасните ги практикуваат овие вежби за да избегнат влошување на нивната меморија со текот на годините.