Најнова анкета: Против зборот „Македонија“ во името се 59 отсто Грци

За 59 проценти од анкетираните во Грција е неприфатливо сложено име за северниот сосед што ќе го содржи зборот „Македонија“, а 35 отсто се согласуваат со тоа, покажува најновото истражување на јавното мислење што го спроведе агенцијата „Галуп пулс“ за телевизијата Екшн 24.

Во истата анкета 65 проценти од испитаниците позитивно ги оценуваат митинзите и соодветните акции во врска со ова прашање, а меѓу нив мнозинството гласачи на СИРИЗА, односно 57 отсто, дефинитивно и веројатно, позитивно ги ценат митинзите.

Од вкупниот број анкетирани, пак, 72 отсто сметаат дека прашањето за името на ПЈРМ е важно или многу важно за земјата.

Покрај тоа, 32 проценти од испитаниците искажуваат поголема доверба во односот и начинот на решавање на овој проблем што го застапува Кирјакос Мицотакис, во споредба со 24 отсто кои веруваат во Алексис Ципрас.