Москва знае кога Македонија ќе влезе во НАТО

Изданието на српски јазик на руската државна агенција „Спутник“ тврди дека Македонија ќе влезе во НАТО најдоцна до пролетта идната година.
Според информациите кои до рускиот владин медиум ги доставил висок дипломатски неименуван извор  за таа цел во Скопје во текот на јули треба да допатува генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој со македонските власти ќе разговара за надминување на сите пречки кон зачленување во алијансата.
Македонија до самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт ги исполни сите критериуми за влез но таму иако и американскиот претседател Буш најави дека ќе станеме членка тоа не се случи поради ветото на Грција. Рускиот медиум не објавува како сега може да се надмине спорот со Грција.
А в понеделник премиерот Заев по средби во Европската комисија ќе има прием и во седиштето на НАТО, каде ќе се сретне со генералниот секретар Јенс Столтенберг. На средбата ќе бидат и министерите за одбрана и надворешни работи Радмила Шеќеринска и Никола Димитров.
Оваа средба доаѓа во време кога Заев најавува позитивна клима на меѓународната заедница за прием на Македонија во НАТО, сепак високи извори од македонската влада за телевизија 24 велат дека влегувањето ниту сега не е извесно, а се работи за процес кој ќе биде тежок.
Според информациите, иако Заев половина час разговарал на телефон со грчкиот премиер Ципрас, сепак ставот на Грција не е променет од самитот во Букурешт и ќе бидат потребни големи напори на соседите и останатите членки на алијансата за прием на Македонија.
Од владеачката СДСМ денеска велат дека опозицијата треба да биде конструктивна по ова прашање.
„Се отвораат вратите за евроатлантските интеграции на Македонија, за разлика од неразумните политики предводени од ВМРО-ДПМНЕ.“ – велат од СДСМ.
Од ВМРО – ДПМНЕ одговараат дека нивната партија прва успеала да ја приближи Македонија кон НАТО
„Зоран Заев ја води Владата и има одговорност да ги реализира ветувањета што им ги дал на граѓаните кои од него очекуваат да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО без да задира во идентитетските прашања.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.