Заев со нова епизода од серијалот за бабичката и македонскиот јазик

По примерите со бабичката од Струмица и со музичкото училиште во Прилеп, македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за словенечкиот весник „Вечер“ ја оправда потребата за официјализирање на албанскиот јазик со пример од – Гостивар.

„Во Гостивар, на пример, каде што повеќе од 50 проценти од населението се Албанци, директор на Центарот за социјални работи е Македонец, кој ги одбива формуларите на албански јазик. Неприфатливо е, да речеме, една бабичка што зборува албански да остане без социјална помош, која ѝ е единствениот извор на приходи“, изјави Заев, откако нагласи дека „ние сме посветени на концептот на една држава за сите, каде што секој има еднакви права и обврски. Нашиот Устав на сите малцинства им гарантира еднакви права, тоа е европски устав, но тоа мора да се спроведе. Решивме дека во една мултиетничка земја треба да се стави крај на етничките тензии. Сè што сакаат Албанците, покрај развојот и економскиот напредок, е напредок во употребата на албанскиот јазик“.

Претседателот на македонската Влада додаде и дека е направена либерализација околу употребата на јазикот во правосудството, при што на странката ѝ е оставено да избира дали ќе користи македонски или албански јазик.

„Нема смисла да им се наметнуваат права што тие не ги сакаат или не ги користат. Македонците треба да бидат свесни дека нивните права нема да бидат загрозени во никој случај ако некој друг го користи албанскиот јазик. На луѓето треба да им бидат гарантирани правата што им ги дава Уставот и тоа е од суштинско значење“, објасни Заев.