Серијалот протести на глобалното македонско движење „Ние сме Македонија“ денеска продолжи во Љубљана, каде што Македонците од Словенија се собраа во центарот на градот за да кажат „не“ за преименување на нивната татковина Република Македонија.

На „Плоштад на Републиката“ пред „Цанкарјев дом“ неформалната иницијатива за словенечко-македонскo пријателство организира едночасовен протест за поддршка на уставното име на својата матична држава.

Пеејќи патриотски песни, околу 300 Македонци му се обратија со транспарент и на евроамбасадорот во Скопје, Словенецот Самуел Жбогар, порачувајќи му тој да си го смени името, а не да биде дел од тие што го бараат тоа од Македонија.

„Самуел Жбогар е срам за Словенија. Тој е еден од протагонистите за Македонија да го смени своето име“, пред камерите на државната ТВ Словенија рече Андреј Дочински, еден од организаторите на протестот.

„Сè што се случува сега е еден вид геноцид против македонскиот народ, бидејќи тие сакаат Македонија да го промени своето име – името на нацијата, јазикот, историјата. Се брише сè што е македонско“, додаде тој.