Две анкети – спротивни прогнози пред локалните избори

Рејтингот на СДСМ е за 3,4 проценти повисок од оној на ВМРО ДПМНЕ и доколку утре се одржат избори, за социјалдемократите би гласале 24,3 отсто граѓани и 20,9 проценти за опозиционата партијата, покажува новата анкета на ТВ Телма и на МЦМС.

Анкетата, која била спроведена во периодот од 4 до 11 септември на репрезентативен примерок од 1005 испитаници, покажува и голема промена во рејтинзите на лидерите на партиите.

На лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев поддршка му даваат 26, додека за Никола Груевски се изјасниле 19,7 отсто од испитаниците.

Споредено со претходните избори, кога 26,9 проценти гласале за тогаш владејачката ВМРО ДПМНЕ, наспроти претпоставените 20,9 кои сега би ги добила таа партија, ова би претставувало пад на рејтингот за цели шест проценти, додека СДСМ има речиси идентична поддршка за престојните избори – 24,3 споредено со 24,8 проценти на претходните.

Анализирано по етнички блокови, ВМРО ДПМНЕ води кај Македонците со само еден процентен поен пред СДСМ, додека кај Албанците СДСМ има идентичен рејтинг како и партијата Беса или 15,1 процент.

Кај Албанците убедливо води ДУИ со 39,7 проценти, додека Али Ахмети останува неприкосновен лидер, покажуват податоците од анкетата на ТВ Телма објавени синоќа.

Претходно, институтот „Павел Шатев“ излезе со податоци од телефонска анкета спроведена од 9 до 12-ти септември година, во која учествувале 1.230 испитаници.

На прашањето која партија ќе победи на претстојните локални избори, 38,2 од испитаниците во анкетата се одлучиле за победникот и на парламентарните избори во декември – ВМРО-ДПМНЕ. Во победа на СДСМ веруваат само 18.1 процентиод испитаниците.

Според анкетата на „Павел Шатев, во политиката на владата за мигранти, со која се обезбедуваат услови за нивно трајно населување нема доверба 91 отсто од испитаниците. Граѓаните не го поддржуваат ниту договорот склучен со Бугарија, односно 66 проценти од анкетираните се против потпишаниот Договор за добрососедство, а дури 89.5 проценти не го поддржуваат предложениот закон за јазици.

Анкетата на „Павел Шатев“ покажува и двојна е предност на Никола Груевски пред Зоран Заев. На прашањето кој би бил подобар премиер, за Греувски се изјасниле 42.2, а за актуелниот Зоран Заев 21.1 отсто од анкетираните.