Постои уверување дека грчкиот премиер Алексис Ципрас може да повика на предвремени избори, по скандалот „Новартис“ во кој негови политички противници се осомничени за земање поткуп од швајцарска фармацевтска компанија.

Наводите што висат над главите на неговите ривали – дури и ако се нејасни – може да му послужат добро на лидерот на СИРИЗА, пишува „Катимерини“.

Случајот „Новартис“, преговорите со поранешната југословенска Република Македонија и грчката програма за финансиска помош се очекува да бидат во фокусот во наредните недели, што може да доведе до предвремени избори, пишува весникот.

Случајот „Новартис“ се појави токму во момент кога левичарската влада на Алексис Ципрас се опоравува од притисоците и реакциите против компромис во спорот за името со БЈРМ, кој кулминираше со масовни демонстрации во Атина претходно овој месец.

Аналитичарите велат дека случајот на „Новартис“ е отворен за да го пренасочи вниманието на јавноста од спорот за името, но се чини дека случајот, кој се однесува на поткуп на двајца поранешни премиери и осум поранешни министри, е изграден на сведочењата на тројца заштитени сведоци, кои досега не дале докази со кои ги докажуваат наводите за поткуп со кој грчката држава била оштетена за три милијарди евра.

Наводно, швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“ поткупувала грчки функционери за да ја зголеми продажбата и цените на своите производи во државните болници.
Парламентарна комисија ќе ги испита наводите  за „колосалниот“ корупциски скандал во кој наводно биле вмешани поранешниот конзервативен премиер Андонис Самарас, поранешниот водач на ПАСОК, Евангелос Венизелос и комесарот на ЕУ, Димитрис Аврамопулос, кои сње очекува дека ќе имаат целосна поддршка од Нова демократија и ПАСОК, пишува „Катимерини“.

Но, без оглед на исходот, постои вуерување дека Ципрас може да повика на предвремени избори, бидејќи наводите што висат над главите на неговите ривали – дури и ако се нејасни – може да му послужат добро.