Бугарски експерт: Нема зошто Македонците да мислат добро за Бугарија

„Во Македонија нема бугарска телевизија, нема бугарско радио, не се продаваат бугарски весници, нема бугарски книги. Нема зошто Македонците да имаат добро мислење за Бугарија“, смета д-р Спас Ташев од Институт за истражување на населението и на човекот при Бугарска академија на науките (БАН).

„Македонија нема голем избор да влезе во НАТО освен да си го смени името. Нашата држава, која би требало да има однос кон овој спор, задоцни неповратно за да биде трета страна“, вели специјалистот за политичките процеси на Балканот за бугарскиот портал „Фрогњуз“.

„Има три Македонии: античка, титова и преродбенска, која е во бугарската сфера на влијание. За преродбенска Македонија преспавме многу години. Сега можеме да бидеме само набљудувачи. Овој пристап нема да го реши проблемот со Бугарите зад границата. Потребна ни е стратегија, но работиме на парче“, додава основачот и прв директор на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје од 2006 до 2009 година.

Во врска со протестот во Солун, пак, поранешниот заменик-претседател на Агенцијата за Бугарите во странство оценува дека тој не бил само заради името.

„Тврдат дека во Македонија живеат 770.000 Грци, што е апсурд. Сум живеел таму и не сум видел такви. Кога ќе ги додадеме Албанците, излегува дека нема Македонци. Така што Грција има стратешки цели спрема Македонија. Ние исто така можевме да имаме планови за неа, но трчаме по настаните 28 години“, заклучува Ташев.