Американскиот претседател на заминување Џо Бајден соопшти дека го помилувал својот син Хантер, кој чекал пресуда за случаи на недозволено поседување огнено оружје, лажни изјави при проверка на оружјето, за што претходно бил прогласен за виновен, како и за затајување данок, што тој самиот призна.
„Денес потпишав помилување за мојот син Хантер“, рече тој во соопштението објавено од Белата куќа.
Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување на неговиот 54-годишен син, зависник од дрога на лекување, кој стана мета на републиканците, вклучувајќи го и новоизбраниот претседател Доналд Трамп, тој сега одлучи да го стори тоа.
Да потсетиме дека во интервју за ABC News, тој одговори со „да“ на прашањето дали ја отфрла можноста за помилување за Хантер. Со „да“ одговори и на прашањето дали ќе ја прифати пресудата за неговиот случај.
Белата куќа неколку пати одговараше и на новинарски прашања дека Бајден нема да го помилува својот син.
„Ниту еден разумен човек кој ги разгледува фактите за случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен дека Хантер е издвоен само затоа што е мој син, а тоа е погрешно“, рече Бајден.
„Верувам во судскиот систем, но (…) исто така верувам дека груба форма на политика го зарази овој процес и доведе до пропуст на правдата.
И кога ја донесов оваа одлука овој викенд, немаше смисла да се одложува.
Се надевам дека американскиот народ ќе разбере зошто таткото и претседателот би ја донеле оваа одлука“, истакна тој.