Џејсон Мико им објави војна на преименувачите на Македонија

Американскиот поддржувач на правото на Македонија и на Македонците на сопствен идентитет и име, Џејсон Мико, преку „Твитер“ денеска му упати жестока порака на тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи (ЕЦФР).

„Уоу, елитите, Грци, Албанци и други силно притискаат за промена на името на Република Македонија – на идентитетот на Македонците. Ќе работам прекувремено за да обезбедам да не успеат. Посебно вие ЕЦФР“, твитна Мико.


Продуцентот на документарецот „Име си е име“, колумнист, аналитичар, експерт за односи со јавноста и хуманитарен работник, кој од 1996 година и првото доаѓање во Македонија „војува“ за македонската кауза, го испровоцира анализата на ЕЦФР со наслов „Решавање на прашањето за македонското име: Можност за трансформативно заемно признавање“ од авторите Ветон Љатифи и Калипсо Николаидис.

„Грција и Македонија треба да направат разлика меѓу прашањата каде што можат да се согласат за да не се согласат и оние каде што треба да се согласат“, пишува во поднасловот на текстот што ја предизвика реакцијата на Американецот.

Својата (про)македонска мисија Мико ја дефинира на својата страница на интернет:

„Вистината, секако, е дека сакам да бидам вклучен во Македонија. Ја сакам Македонија, го сакам македонскиот народ, ги сакам убавината на Македонија и тоа што има да го понуди. Секој ден се молам за Македонија и сакам да ја видам Македонија како прави повеќе од просто преживување. Сакам да видам како Македонија успева. Имам многу пријатели тука што ми се како семејство, но премногу често ги слушам Македонците како велат, слегнувајќи со рамениците: ‘Претпоставувам дека ќе преживееме’. Сторете повеќе отколку да опстанете – успејте! Знам дека можете да го направите тоа бидејќи вие, Македонија, ги порекнавте сите предвидувања за вас во последните 20 година дека ќе се распаднете, ќе престанете да постоите, ќе имплодирате. Не ви се случи тоа. Успеавте!

Сега одете напред – со многуте пријатели што ве сакаат – и продолжете да успевате. Работете напорно, уживајте со семејството и со пријателите, молете се и обожувајте го Господ, забавувајте се, читајте повеќе и никогаш – никогаш! – не се откажувајте од вашите име и идентитет! Ако ги направите овие нешта, ќе сторите добро. И ќе успеете“.