Водечкиот светски специјализиран медиум за одбрана и безбедност „Џејнс дифенс“ во својата анализа за Македонија најавува дека првата жена на чело на македонското министерство за одбрана во историјата на независна Македонија ќе се обиде да го забрза членството во НАТО.

Според анализата Радмила Шеќеринска најавила воени реформи и забрзана интеграција на Македонија во НАТО. Во својот прв говор на 25 годишнината од формирањето на Авио бригадата на АРМ Шекеринска ветила реформи и зголемен воен буџет за модернизација на вооружените сили. Притоа таа најавила и воведување на „мерит систем“ според кој сите напредувања во армијата ќе се случуваат според заслуги и постигнати успеси а не според политички критериуми. Шекеринска во истовремено најавува и подобрување на животниот стандард и условите за работа на припадниците на АРМ.
АРМ во своите редови има 8,133 припадници на вооружените сили кои што се целосно професионални и се организирани според стандардите на НАТО во чии операции учествува.
Нивна слабост според „Џејнс дифенс“  е застарената воена опрема од времето на Советескиот сојуз.
Според брифингот од АРМ кој го пренесуваат медиумите на два дена пред заминувањето од министерската позиција екс министерот Зоран Јолевски раскинал 4 договори за набавка на оружје од израелската фирма „Елбит“ во вредност од 82 милиони евра.