Велибор Манев, второобвинет за грабнувањата и за убиствата на 74-годиниот Панче Жежоски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје денеска сведочи на суд.
Велешанецот Велибор Манев досега молчеше. На првото рочиште си го криеше лицето од снимателите и од фоторепортерите.
Во целиот судски процес кажа еден единствен збор, „не“, на првото рочиште, кога изјави дека не се чувствува виновен по наводите во обвинението.
„Сите обвинети ги познавам. Со Боре се знам уште од дете, од основно училиште. Живееме добро, проблеми со него не сме имале. Со Љупчо Палевски се познаваме од 2018 година, , сведочеше на денешното рочиште Велибор Манев, пренесе СДК.
За Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кажа дека не го познава.
„Го познавав Панче Жежовски. Му работев на куќата пред 19 години. Тој не ми плати за завршената работа. Бараше сечени камења, клесани камења да му редам пред вратата, едни од најскапите, ми остана должен 1.500 евра. Се скаравме, му ги искорнав 12-те квадрати што му ги наредив. Полицијата кажа не смеам така да се однесувам, дигнав раце. Уште еднаш отидов во неговата фризерница да си ги барам парите што ми ги борчи, ме избрка. Баталив и пари и се”, одговараше Манев.
„Кој ги однесе до дупките во Рудник?“, праша неговиот адвокат.
„Јас“, одговори обвинетиот.
„Кој ги ископа дупките?“, беше следното прашање.
„Јас и Кешишев“, одговори Манев.
На прашање „Зошто?“, тој одговори: „Да се чуваат жртвите и кога ќе се изврши нападот, жртвите да се пуштат. Прво требаше Панче да биде грабнат, врзан за ногата со тег, да се пушти во земуницата. Неговото возило да се искористи за грабнување жена особа на 38-40 годишна возраст. Кога ќе се грабне таа, Панче да се извади од земуницата, да се стави жената додека се врши нападот“.
Дупките, налик на бунари, биле ископани уште 2022 година.
„Со кого беше договарано грабнувањето на Панче?“, праша адвокатот.
„Да се вратам наназад. Првично баравме објект за чување на жртвите. Палевски ми рече да го оставам мобилниот и да прошетаме. Ми кажа дека објект тешко може да се најде, подобро е да се ископаат дупки. Ја напраивме земуницата, ја остаивме самата природа да ја замаскира. За грабнувањето, Палевски бараше неевидентирана, крадена кола, за да го извршиме грабнувањето на жената. Не најдовме таква кола, па баравме пензионер со кола, кој потоа би бил пуштен. Во разговор, кажав за неплатениот борч на Панче Жежовски. Му кажав оти имам еден таков што ме зафркнал, што ми го зел лебот и дека него може да го искористиме“, сведочеше Манев.
„Кои други лица се приклучија со вас двајца да се реализира грабнувањето на Панче Жежовски?“, праша адвокатот.
„Првично бевме јас, Палчо и Влатко, ни фалеше уште еден човек. Боре ми беше близок. Му кажав да оди да разговара со Палчо, ако сака да ни се приклучи во групата.“ рече Манев, како што пренесе Сакам да кажам.