Независно што на сила веќе стапи Законот за нефер трговски практики, кој ќе го ограничи рабатот, Владата ќе продолжи со таканаречените „потрошувачки кошнички“ и за време на други празници, како Велигден и Рамазан, вели Министерот за економија Бесар Дурмиши во во интервју за „Радио Слободна Европа“
Тоа значи дека со интервенција од извршната власт, ќе продолжи привременото ограничување на маржата на одредени групи на производи.
Според министерот „потрошувачките кошнички“ заштедата за семејствата е значителна.
„Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи на производи, таа мерка ги даде своите резултати.
Цените беа намалени, заштедата за едно четиричлено семејство за еден месец доаѓаше околу 1.300 денари. Тоа го покажаа и синдикатите со својата синдикална кошница каде само во тој временски период кога беше во сила таа мерка, трошоците за храна и пијалаци кај семејствата беа намалени за 965 денари. Значи, ако ја земеме предвид таа мерка која имаше 73 групи на производи, нормално дека оваа мерка која поминува над 1 000 производи, дадени од 95 компании, ќе има големи резултати“, вели Дурмиши.