Ќе биде обновен споменикот на децата бегалци во центарот на Скопје

Претставници на повеќе здруженија на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија добиле цврсти уверувања од премиерот Христијан Мицкоски и министрите за внатрешни работи и култура Панче Тошковски и Зоран Љутков дека ќе сторат сѐ во најбрз можен рок целосно да се обнови споменикот на децата бегалци во центарот на Скопје и да се казнат виновниците за неговото сквернавење.

Ова беше соопштено по нивните средби со највисоките државни органи во врска со вандалскиот чин извршен врз споменикот симбол на голготата на децата бегалци за време на Граѓанската војна во Грција.

На 9 април споменикот кој се наоѓа во паркот Жена борец во центарот на Скопје беше сосема уништен, беше откорнат бакарниот рељеф, мотив на мајка со три деца и украдени буквите од натписот  „Татковината копнеж на прогонетите“.