Една е вистината за името и никој не може да ја негира, пишува историчарот Димитар Љоровски-Вамваковски од Институт за национална историја.
Споед него од 1992 година секоја влада, секоја партија, секој политичар од Република Македонија кој бил на власт, бил спремен на отстапка од ваков вид со цел да се реши проблемот со името, но тоа не го дозволуваше грчката страна поради своите претходно зацртани позиции (ние можеме да претпоставуваме сега какви биле и што им било приоритет, но историјата ќе покаже што во суштина стоело зад нивното одолговлекување).
„Сега грчката држава е решена да го реши прашањето и тоа ќе се случи (повторно историјата ќе покаже што стои зад ваквата одлука), бидејќи тие така сакаат, плус тоа, се погоди влада на чие чело стои Ципрас, политичар од новата генерација во Грција, кој не робува на традиционалните политички семејства во таа држава.
Од друга страна, нашите политичари, кои навидум не го даваа името во минатото, а на тоа градеа имиџ на големи патриоти и заштитници, всушност не го даваа поради тоа што Грција не им го дозволуваше тоа…
Тоа е вистината, која не сакавме да ја видиме сите овие години“, тврди Љоровски-Вамваковски по вчерашната средба меѓу премиерите Заев и Ципрас, на која беше соопштено дека преговорите за името се во финална фаза.
Вамваковски е автор на серија научни материјали за односите меѓу Македонија и Грција.