Јункер: Србија и Црна Гора во ЕУ до 2025 година

Претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, смета дека Србија и Црна Гора ќе влезат во Европска унија до 2025 година.
„Мислам дека Србија и Црна Гора ќе бидат членки на ЕУ и пред 2025 година“, изјави тој по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, изразувајќи задоволство што Бугарија ја стави интеграцијата на Западен Балкан како врвен приоритет на своето претседавање со Унијата во првата половина на 2018 година.
„Сакам да го повторам своето убедување дека е неопходно да ја задржиме отворена вратата на ЕУ за Западен Балкан. Во моментов се чини дека не е можно да примиме нови членки до 2019 година, но сакам европската песпектива да не се види како покана, туку како континуирана потреба во овој дел на Европа“, додаде тој.
Јункер најави дека напролет ќе ги посети земјите од Западен Балкан.